Skip links

ДОМА

Музеј Крива Паланка 

Градскиот музеј во Крива Паланка, основан во октомври 2006 година, е значајна културна институција која го чува и презентира богатото културно-историско наследство на регионот. Сместен е во поранешната зграда на Домот на АРМ, изградена во 1926/27 година, која претставува еден од најстарите и најубавите објекти во градот. Музејот располага со околу 500 м² внатрешен простор, вклучувајќи изложбени сали, депоа, канцеларии и помошни простории.

Музејот има комплексен карактер, опфаќајќи различни области како етнологија, археологија, историја, историја на уметноста, нумизматика и историја на техниката. Етнолошката поставка, обновена во 2016-2018 година, се состои од рурален и староградски дел. Таа го прикажува животот во градот кон крајот на 19 и првата половина на 20 век. Археолошката поставка, отворена во март 2013 година, претставува артефакти од локалитети како Блидеж, Мал Камлеш, Могила и други, кои сведочат за континуираната населба на овој регион од праисторијата до средниот век.

Дел од музејот е Градската уметничка галерија, во која се организираат повремени тематски изложби. Освен постојаните поставки, музејот редовно организира изложби, промоции, концерти, работилници и презентации, збогатувајќи ја културната сцена на Крива Паланка. Во текот на годината се одржуваат околу триесетина културни активности, а музејот е коорганизатор на сите големи општински манифестации.

Досега се собрани и обработени повеќе од 2.170 музејски предмети, најчесто добиени како подарок од населението од Кривопаланечко, но и со откуп и археолошки истражувања на наведените археолошки локалитети. Институцијата располага и со галериски простор за тековни изложби, депоа, работилница за конзервација и продавница за сувенири.

Во склоп на музејот работи Сувенирницата, отворена во 2011 година, која располага со богат асортиман на артикли кои го отсликуваат културното наследство на нашиот град и на државата. Настојуваме сувенирите да бидат набавени од наши локални занаетчии и слободни уметници, кои вложуваат многу љубов во нивните рачни изработки.

Музејот располага и со Библиотека, која секоја година се обновува со нова стручна литература од областа на етнологијата, историјата, археологијата и историјата на уметноста. Библиотеката е достапна за граѓаните, за да ги задоволи нивните потреби од стручна литература.

Во околината на Крива Паланка се наоѓаат и други значајни културно-историски споменици. На околу 3 километри од градот, во падините на Осоговските Планини, се наоѓа манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, еден од најпознатите верски објекти во Северна Македонија. Манастирот е основан во 12 век и претставува значаен духовен и културен центар со богата историја и впечатлива архитектура.

Паркот Гиновци, сместен на неколку километри од Крива Паланка, е идеално место за одмор и рекреација. Паркот нуди бројни кафулиња и ресторани, како и зоолошка градина која ќе ги израдува љубителите на животни. Посетителите можат да уживаат во прошетки, оброци и фотографирање во пријатна природна околина.

Крива Паланка и нејзината околина нудат богато културно и природно наследство, кое вреди да се истражи и доживее.

Плитка чинија

Чаша со три рачки

Кантаровиден сад

Кантаровиден сад

This website uses cookies to improve your web experience.
Explore
Drag