Skip links

ДОМА

Археолошка музејска збирка при Филозофскиот факултет во Скопје

Од самото основање на Филофскиот факултет – Скопје во 1920 година, во првата наставна програма биле вклучени и предметите Византологија и Археологија со Историја на старата уметност, со што се удрени темелите на проучувањата и изведување на наставно-научна дејност од областа на Историјата на уметноста и археологијата на ова тло. Шест години подоцна, во рамките на Филозофскиот факултет, е издвоен и посебен семинар за Археологија и историја на уметноста. Во 1920 година паралено при основањето на Филозофскиот факултет во Скопје е основана и првата археолошка музејска збирка во рамките на самиот факултет. Во 1924 година е организирана музејска институција, поточно, историско – археолошки музеј со лапидариум кој бил сместен во Куршумли ан. Артефактите од Археолошката музејска збирка при Филозофскиот факултет во Скопје, биле преместени во новооснованиот  Историско – археолошки музеј.

Самиот факт што никулецот на денешниот Археолошки музеј е Археолошката музејска збирка при Филозофскиот факултет во Скопје од 1920 година, го потикнал наставниот кадар при Институтот за Историјата на уметноста и археологија до идејата повторно да се основа самостојна археолошка музејска збирка при Филозофскиот факултет во Скопје, пред се за научно едукативни цели. Целта на повторното основање на самостојна археолошка музејска збирка при Филозофскиот факултет – Скопје, е да ја подобри наставата на целиот факултет, односно таа ќе служи за потребите и на другите институти како што се Институтите по Филозофија, Историја, Класични студии, Педагогија и други.

Самостојната археолошка музејска збирка во склоп на Филозофскиот факултет – Скопје поседува инвентарирани археолошки предмети со подготвена документација. Повеќе од 95 проценти од предметите на збирката се добиени како резултат на повеќе годишните научно-едукативни археолошки теренски истражувања на Институтот за Историја на уметноста и археологија, останатите предмети се прибавени како донации со уредна техничка и административна документација.

При самиот влез во музејска збирка се наоѓа фоајето, тука се изложени банери на кои се изложени само мал дел од научно-едукативни археолошки теренски истражувања на Институтот за Историја на уметноста и археологија, покрај нив на подот имаме изложен современ мозаик кој е изработен според античките-римски методи, од страна на професорите и студентите од Институтот. Директно од фоајето се приоѓа до трите изложбените простории (секоја просторија означува посебна временска епоха: праисториска, античка и средновековна), од фоајето има директен пристап до депото, двете канцеларии за административни и конзерваторски работи, како и пристап до конференциската сала.

Во праисториска поставка се изложени најзначајните предмети од овој период. Најраните предметите кои ги поседува праисториска поставка се артефактите од неолитот  па се до архајскиот период, односно со исклучок на палеолитот се застапени сите периоди. Праисториска поставка поседува скулптури на култутот на големата мајка, прекрасна колекција на керамички садови, аскоси, разни камени секири и ножиња, како и дуги значајни предмети.

Во праисториска поставка е застапена и богата колекција на бронзен накит (нараквици, фибули, алки и др.), уникатна и раритетна афионова чашка, како и бронзенодобски меч. Покрај прикачените украсни постери во просторијата каде што се наоѓа Праисториска поставка, има поставен едукативен банер на кој по епохи се презентирани праисториски артефакти од Република Македонија паралелно со артефакти од нашите соседни региони. Банерот служи пред се за едукација и извлекување на паралели, како и за промовирање на нашето богато културно историско наследство.

Во просторијата каде што е сместена античката поставка изложени се артефакти од целата античка епоха на територијата на Република Македонија. Тука се наоѓаат разни керамички садови, античко оружје (мечеви, копја и сл.), стратуетки на разни богови меѓу кои се издвојуваат двете мали бронзени статуи на Меркур, колекција статуи на Кибела, стаклени предмети, како и рано христијнаски артефакти (прстени и токи). Една витрина е посебно посветена на артефактите пронајдени  од кнежевска гробница кај с.Корешница, Демир Капија. Тука има колекција на импорт керамички садови, две луксузни сребрени женски игли за коса каде што едната е позлатена, дел од бронзено постоље во форма лавја нога на кое бил поставен бронзен кратер, сребрени крлушки кои формираат панцирна кошула и др. 

Помеѓу просториите каде што се сместени Праисториска и античката поставка се наоѓа тесен ходник, тука се изложени две макети. Првата макета е идејна реконструкција на најголемата античка гробница на територија на Република Македонија која се наоѓа во с. Бонче, Прилеп. Гробницата е од македонски тип и активно се истражува од страна на Институтот за изучувањето на Историјата на уметноста и археологијата при Филофскиот факултет во Скопје. Втората е реконструкција на војник од македонската фаланга со шлем, штит, копје и кнемиди.

До просторија на Античката поставка сместена е Средновековна поставка која е исполнета со разни средновековни артефакти како што се крстови, алки, огрлици, прстени, ножеви, пломба, средновековни клучеви и др.

Во рамки на музејот имаме и нумизматичка збирка во која ги имаме монетите на пајонските владетели, монетите на македонските кралеви, автономните монети, монети од римскиот и доцноантичкиот период, како и монети од средновековниот период.

Во соработка помеѓу Институтите за Историја на уметноста и археологија, Историја и Дефектологија археолошката музејска збирка се опреми со 3D принтер и опрема за тродимензионално документирање на артефакти. Првичната намена за набавка на оваа опрема е тродимензионално да се печатат копии верни на оригиналните артефакти од музејската збирка, со што лицата со оштетен вид ќе можат да дојдат во контакт со формата на предметите кои се во витрина.

Приврзок

Бокал

Гутус

Figurine II-0162

Керамички сад II-0161

Ехинус чинија II-0004

This website uses cookies to improve your web experience.
Explore
Drag