Skip links

ДОМА

Пристапни виртуелни музејски збирки

Во денешното, дигитално време, музеите веќе ги надминуваат границите на физичките објекти и географските локации. Појавата на виртуелни музеи, дигитализирани збирки, галерии и културно-историски локалитети овозможува целосна револуција во начинот на кој се поврзуваме со уметноста, историјата, културата и науката. Овие иновации го преобразуваат музејското доживување и го прават културното наследство подостапно, поинклузивно и поинтерактивно од кога било.

Пристапноста во музејски контекст подразбира создавање услови секој поединец – без разлика на неговата физичка способност, географска положба, економска состојба или јазична припадност – да може да пристапи до музејските содржини и да има корист од нив. Виртуелизацијата на музеите значи дигитализирање и онлајн презентирање на музејските збирки, со што се укинуваат физичките и временските ограничувања.

Целта на меѓународниот проект „Пристапни виртуелни музејски збирки“ е да ја прошири достапноста на содржините од шест музеи и да им овозможи на посетителите од целиот свет да ги разгледуваат колекциите надвор од просторот во кој се изложени. Преку процесот на виртуелизација, овие збирки се достапни во секое време и од било кое место – сè што е потребно е интернет пристап.

Во текот на проектот, кој се темели врз интердисциплинарна соработка и обединува повеќе научни дисциплини, се виртуелизирани шест музеи. Сите заинтересирани имаат можност да се запознаат со музеите:

– Јахимов, Чешка

– Вила Билек, Чешка

– Музејската збирка при Филозофскиот факултет во Скопје, Македонија

– Музеј Свети Николе, Македонија.

– Музеј Крива Паланка, Македонија.

– Локален археолошки и историски музеј „Теракота“, Виница, Македонија.

За секој од музеите е изработена посебна веб-платформа. Со примена на современи дигитални технологии, креирани се виртуелни прошетки во 360 степени, кои овозможуваат корисникот да се движи низ изложбените простори како да е физички присутен. Секоја прошетка е збогатена со интерактивни табли што содржат разновидни информативни содржини, меѓу кои особено се издвојуваат виртуелните тридимензионални артефакти.

Преку фотограметрија и ласерско скенирање е создадена дигитална тридимензионална база на податоци што опфаќа значаен дел од артефактите прикажани во виртуелните музеи. Секој од овие објекти е моделиран во неговиот автентичен облик и вистински димензии, и е јавно достапен за разгледување и истражување.

Освен виртуелните прошетки и тридимензионалната база, особено внимание е посветено на лицата со попреченост. Пристапните виртуелни музеи нудат трансформативно и инклузивно искуство преку поддршка за читачи на екран, титлови, превод на знаковен јазик, аудио-описи и елементи на гамификација, што овозможуваат збогатено и прилагодено доживување за сите посетители.

Овие пристапни виртуелни музејски збирки претставуваат значаен чекор напред во културното поврзување и имаат клучна улога во промовирањето на инклузивно и глобално образование. Тие отвораат нови можности за учење, го чуваат културното наследство на иновативен начин и ја прават културата подостапна за пошироката јавност.

Музеј „Теракота“ – Виница

Музеј Крива Паланка

Музеј Свети Николе

Музеј на Филозофскиот факултет

Вила Билек

Музеј Јахимов

This website uses cookies to improve your web experience.
Explore
Drag